Константинос Кацифас, Гркот со албанско и грчко државјанство, кој беше убиен од албанските специјални сили на 28 октомври, националниот ден на Грција, денес ќе биде погребан во неговото родно место Буларат. Десетици граѓани од Грција почнаа да влегуваат во Албанија рано изутрина за да присуствуваат на погребот на Кацифас.

Албански медиуми објавија дека премините кај Ѓирокастро и Каваја се под силно полициско обезбедување и се вршат детални прегледи на сите возила. Грчки медиуми објавија дека околу 2.000 лица ќе присуствуваат на погребот на Кацифас за кого вчера интервенирал и претседателот Илир Мета со цел неговото тело да биде предљдено на семејството на убиениот.

„Албаниан дејли њуз“ објави дека „со потег без преседан Обвинителството на Тирана поднело обвинение против мртов човек“.

Погребната церемонија, како што објавуваат грчки медиуми, ќе ја води митрополитот Димитриос, а се најавува дека за време на погребната церемонија ќе се пеат народни песни од Епир. Дури шест автобуси доаѓаат од Атина како и четири од Солун, па затоа албанските власти презедоа обемна акција за обезбедување. Се наведува дека се распоредени 2.000 полицајци со цел да се спречи секаков инцидент, зашто се проценува дека во масата ќе има екстремисти.