Грчкото собрание денес е претворено во „полициска тврдина“ на денот кога се очекува финалното гласање за Преспанскиот договор. Грчките медиуми објавуваат дека повеќе од 1.500 полицајци ќе се грижат за безбедноста на пратениците и за јавниот ред и мир, зашто се очекува денес на повеќе места во Атина да се одржат големи протести, кои не се знае дали ќе бидат задржани под контрола цело време.
Национализмот, очигледно, е разгорен во Грција, а инцидентите само се множат од ден во ден. Ноќеска е фрлен молотов коктел кај домот на една пратеничка од СИРИЗА во Јаница, за што е обвинета Нова демократија и „нејзиниот фашистички однос“.
„Ефимерида“ пишува дека полициските кордони веќе поставиле штит околу Министерството за надворешни работи и на плоштадот Синтагма. Попладне ќе биде затворена и метро станицата на централниот плоштад. Но, се очекува пред влезот на Собранието да има неколку заштитни прстени преку кои ни пиле нема да може да прелета.
Најавени се два протеста – во 18 часот по локално време (плус 1 час кај нас) на Синтагма во организација на „Комитетот за борба за грчкоста на Македонија“, како и еден организиран од грчката Комунистичка партија.
Протестираат и ученици:Ја продадовте Македонија
Инаку, во атмосферата на протести и негирање на Преспанскиот договор, од вчера се вклучени уленици, кои „окупираа“ едно училиште во Скидра.
„Не прифаќаме печатење нови учебници кои немаат историско значење за настаните во нашата земја, како што е македонската борба. Македонија е една и грчка“, порачаа учениците. Ученичка окупација“ има и во Јаница, каде исто така се истакнати пароли:„Маконија е грчка земја“, „Ја продадовте Македонија за грст долари“.
Молотов коктел фрлен врз домот на пратеничка од СИРИЗА
Ноќеска бил фрлен молотов коктел врз домот на пратеничката Теодора Цакри од СИРИЗА, во градот Јаница. Таа по нападот изјави дека станува збор „за убиствен организиран напад, а не за аматерски напад“, и за тоа го обвини Киријакос Мицотакис, лидерот на Нова демократија.
„Сиот овој фашизам и поделби им се поттураат на граѓаните за национални прашања за екстремните групи да поверуваат дека тие можат да прават што сакаат, па дури и да убијат“, изјави Цакри за ЕРТ.
Таа истакна дека „националните прашања не се решаваат со молотови коктели и со насилство, туку со демократски дијалог. Се надевам дека нападот на мојот дом е последен“, порача таа.
Comments are closed for this post.