Градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски и делагација од Македонија денеска со претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ извршија примопредавање на дел од железната ограда која своевремено го опкружувала парламентот во Белград. Уметнички обработената железна ограда била поставена во 1936 до 1956 година кога е отстранета, а денеска вратениот дел се наоѓал во вилата Биљана во Охрид.
Како што објасни Дачиќ, Србија се интересирала за судбината на оградата уште на средбата со министерот Бујар Османи во Белград, поради намерата оваа година да се одбележи 85-годишнината од првата седница што се одржала во Собранието.
-Јас му се заблагодарувам на министерот Бујар Османи, на градоначалникот на Охрид и амбасадата, што така бргу реагираа. Во последно време имавме еден низ чекори кои сочинуваат севкупно една коцка во мозаикот кои ја покажуваат вистинскат слика како нашите односи треба да бидат, братски и пријателски и би сакал така да останат и понатаму, изјави Дачиќ.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, изјави дека примопредавањето на дел од оградата е знак на пријателство меѓу двата народа и ги покани граѓаните на Србија да го посетат Охрид.
-Ова е гест на пријателство и поврзување помеѓу двата народи и унапредување на соработката помеѓу Охрид и Република Македонија со Република Србија, како на полето на културата, туризмот, бизнисот и секако на зајакнување на политичките односи меѓу двете држави.
Георгиевски потенцираше дека во Охрид ќе биде донесена одлука сите посетители од Србија да бидат ослободени од плаќање паркинг во тој град.
Посетата на македонската делегација продолжува денеска и утре со средби на градоначалникот Георгиевски и директорот на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот Љупчо Јаневски на Министерството за туризам и трговија на Република Србија
Comments are closed for this post.