„Отворете ја границата“, извикуваа мигрантите околу кампот „Диавата“, 60 километри од македонската граница, кои денеска повторно се сурија со полицијата.

Илјадници мигранти трет ден по ред се собрани кај привремениот камп во близина на Солун и не се откажуваат од намерата повторно да тргнат кон грчко-македонската граница и да продолжат кон централна Европа.

Грчката полиција интервенираше со солзавец откако дел од мигрантите кои повторна сакаа да го напуштат импровизираниот камп фрлаа со камења кон полицијата.

Неколку мигранти, меѓу кои и деца побарале помош.

Грчките власти кои тврдат дека мигрантите се мобилизирале поради лажни вести објавени на социјалните мрежи, се децидни, нема да им биде дозволено да го напушат регионот и дека нема да бидат отворени границите кон други земји.

Освен во Солун, тензично е и во Атина.Таму синоќа неколку стотици луѓе ја окупираа железничката станица Ларисис, барајќи да им биде овозможено да заминат кон Северна Грција.  Тие се вратени во прифатните центри, но како што велат, не се откажуваат од патот кон Европа.

Во екот на мигрантската криза, долж јужната граница со Грција беше поставена ограда. Таа сè уште постои и е обезбедена, што значи дека т.н. Балканска рута кон централна Европа е во најголем дел затворена. Во 2015 и 2016 година преку неа во Германија пристигнаа повеќе од еден милион луѓе.