Жешко попладне и вечер во најава на политички план ја очекува денеска Албанија.
Законодавниот дом во 17часот ја почнува пленарната седница за формирање анкетна комисија за претседателот Илир Мета, а опозицијата во 20 часот ќе го одржи 10-от „национален протест“.
Предлогот на Парламентарната законодавна комисија за формирање анкетна комисија, која треба да испита дали претседателот Мета го прекршил Уставот со уредбата за одложување на локалните избори е единствена точка на дневен ред.
Претходно, уредбата за неважечка ја оцени Централната изборна комисија, без гласот на претседателот, како и Изборниот колегиум (изборен суд), со што пак не се согласува Мета, кој смета дека уредбата се базира на неговите уставни надлежности и е задолжителна за имплементација од сите.
Се очекува пленарната седница да заврши пред почетокот на протестот на опозицијата, кој е прв по локалните избори одржани на 30 јуни, што таа ги бојкотираше.
И на вечерашниот, како на претходните девет „национални протести“, колку што опозицијата има одржано во изминатите пет месеци ќе биде побарано заминување на премиерот Рама и формирање преодна влада.ќ
Овој протест има посебно значење поради фактот што граѓаните се собираат пред Влада да побараат заминување на Рама, во време кога неговата Социјалистичка партија веќе доби 100 отсто од локалната власт по изборите без опозиција.
Љуљзим Баша, лидер на Демократската партија, која ја предводи обединетата опозиција, освен повикот за што поголема масовност во битката за соочување со инкриминираната влада, од граѓаните побара да избегнуваат инциденти и конфронтација со полицијата.
– Сите во Тирана обединети против криминалната диктатура, во одбрана на слободата и достоинството, обединети против бандата која ограби се, обединети за вашите семејства и деца, за Албанија како Европа. Ниту чекор назад, Рама оди си, напиша Баша на својот профил на Фејсбук.
Со статус на Фејсбук се јави и почесниот претседател на партијата, Сали Бериша, кој најави „џиновско цунами“ од народ против Рама.
– Застрашувачко и џиновско цунами доаѓа против Едвин Кристаќ крадецот. Во 20 часот сите заедно во Тирана. Рама оди си. Победа, напиша Бериша.
Апел за масовност упати и лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција,Моника Круемади, до „сите кои се чувствуваат понижени и ограбени од Владата на Рама“.
Според Министерството за внатрешни работи непосредно, за безбедноста на протестот, ќе бидат ангажирани 1.300 до 1.500 полициски службеници, додека единицата за брза интервенција, единицата „Шќипоња“ како и припадниците на Националната гарда ќе бидат во целосна готовност. Пред Владата, Парламентот и МВР поставени се метални огради со бодликава жица, големи рефлектори и безбедносни камери со висока резолуција.
Comments are closed for this post.