Поранешната државна секретарка на Соединетите Американски Држави, Медлин Олбрајт ќе учествува на одбележувањето на 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово, што ќе се одржи во Приштина идната среда, на 12 јуни.

Организаторот на прославата, Организациониот одбор за одбележување на годишнината, најави дека Олбрајт на собирот на плоштадот „Скендербег“ во центарот на косовскиот главен град, ќе има и свое обраќање.

Во денешното соопштение на Одборот, како што јави дописникот на МИА од Приштина, се вели дека „Косово го одбележува овој историски датум заедно со своите сојузници, со кои ги споделува вредностите на мирот, слободата и демокртијата“.

Во исто време ние оддаваме почит на нашето минато и на нашата визија за траен мир, се вели во соопштението.

Медлин Олбрајт како државна секретарка, заедно со тогашниот американски претседател Бил Клинтон и неколку други западни лидери, беа главни поборници на интервенцијата на НАТО во СР Југославија во 1999 година. По 78-дневната воздушна кампања, на 9 јуни истата година во Куманово беше потпишан воено-технички договор меѓу НАТО и југословенската војска и полиција, а три дена подоцна копнени сили на Алијансата влегоаво Косово и ја востановија меѓународната воена мисија КФОР.