Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача дека нема намера да ја повлече одлуката за такса од 100 отсто на производите од Србија, затоа што, според него, таа придонесува за јакнење на домашните производители, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пораката на Харадинај уследи по барањето на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, упатено до претседателот на Косово Хашим Тачи, за укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Харадинај, кој денеска учествуваше на првата Конвенција на домашни производители, напиша на Фејсбук дека таксата претставува „суверена одлука на Косово“ и порака до сите дека Косово е „совесно, свесно и самостојно”.

Домашните производители имаат пред себе еден златен период, кој треба да го искористат за јакнење и опстојност на пазарот. Фискалната реформа која ги зајакнува нив и таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина им создадоа поволни околности, симнувајќи им го товарот на дискриминацијата. Утрово учествував на првата Конвенција на домашни производители, каде што нагласив дека Косово сега има повеќе самодоверба и се стекнува со доверба кај потрошувачите на нашиот и на европскиот пазар, напиша Харадинај.