Бугарските воени гробишта крај Кавадарци најверојато се уништени уште во текот на 30-тите години на минатиот век.

Ова во емисија на БНТ го изјави Радослав Симеонов, главен експерт за воени споменици од бугарското Министерство за одбрана.

Според податоците на Министерството, крај кавадаречкото село Дреново сигурно постоеле две бугарски воени гробишта на кои биле погребани 432 бугарски војници.

-Но, нивното постоење било осудено на пропаст поради политиката на целосно уништување на бугарски воени гробишта од страна на југословенските власти во текот на 30-тите години на минатиот век, посочи Симеонов.

Иако нема податоци за скорешно посегнување врз двата споменика, подигнати на местото на гробиштата крај с.Дреново, однесувањето на македонските власти кон нив, според воениот експерт, не е на соодветно ниво.

Според него, физичкото постоење на двата споменика е во опасност заради изградбата на новата магистрала Скопје-Прилеп. До нив не е предвиден пристап, а недостасуваат и информативни табли.

-Министерството за одбрана со посебно внимание и вознемиреност ги следи се позачестените случаи, би рекол, на вандалски напади и сквернавење на бугарски, не само воени, културно-историски споменици. Зашто, тоа последниве години е честа појава. Затоа Министерството за одбрана ќе продолжи уште повнимателно да ја следи состојбата со бугарските воени гробишта во РС Македонија, изјави Симеонов.

На територијата на РСМ, според него, имало меѓу 480 и 500 гробишта на бугарски војници. Голем дел од нив се уништени во текот на 20-тиот век и едвај 4-5 се соодветни на европските стандарди и пракса.

Целата приказна ја почнаа невладините организации на македонските Бугари и фондацијата „Бугарија“, кои ја обвинија Македонија дека ги уништила спомениците на бугарските воени гробишта, по што реагираа и бугарското МНР и претседателот Румен Радев. БНТ испрати новинарска екипа, која ги демантираше наводите за оштетување на спомениците. Во одговорот на македонското МНР беше наведео дека двата споменика и натаму постојат и оти не се осквернавени.