На промоцијата, заштитата и зајакнувањето на производите од Северна Грција што го носат називот „македонски производи“ и на брендот „Македонија“, се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор за време на синоќешното отворање на 84-от Меѓународен саем во Солун, jави дописничката на МИА од Атина.

Апсолутен наш приоритет, за тоа многу пати имаме разговарано и со префектот, е заштита и зајакнување на македонските производи со формирање и меѓународно сертифицирање на еден колективен бренд за нив. Ќе го заштитиме брендот „Македонија“, вистинската Македонија, автентичната Македонија и ќе го поддржиме со една голема комуникациска кампања. За производите, ова ќе ги наведува, веќе без сомнежи, нивниот квалитет и нивното потекло наспроти секој конкурент. Конкретниот модел успешно беше испробан и за производи од Крит и да им даде нов импулс на производите од Македонија на пазарите во странство, рече Мицотакис, во делот од говорот што се однесуваше на Северна Грција.

Во 75-минутното обраќање, грчкиот премиер, акцентот го стави на развојот и економијата, како клучни за секој чекор на Грција, но и услов за безбедноста и просперитетот на земјата.

За брендот „Македонија“ и „македонските производи“ говореше и заменикот министер за внатрешни работи на Грција, надлежен за Македонија и Тракија, Теодорос Караоглу во неговото обраќање, кусо пред обраќањето на Мицотакис. Рече дека „заштитата на македонските производи е на врвот на нивниот интерес“.

Нашите иницијативи имаат двојна цел. Од една страна, промоција на брендот „Македонија“ како име-идентитет што ќе ги комбинира сите компаративни предности на регионот, а од друга страна заштита на илјадниците бизниси во Северна Грција кои во нивните имиња ги користат термините „македонски, македонска, македонско“. Овие компании веќе знаат дека не се сами, рече Караоглу. (МИА)