Договорите се однесуваат на држави, а не на влади, потенцираше грчкиот премиер Кријакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Мега“, во однос на последните случувања кај нас и Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис уште еднаш го повтори неговиот став дека од моментот кога Договорот е ратификуван, тие ќе го спроведуваат.

-И покрај слабостите што ги посочив во Договорот, никогаш никого не измамив и од почетокот кажав дека од моментот кога овој Договор ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент, должен сум да го спроведам и многу внимателно да го следам неговото спроведување, рече Мицотакис.

Додаде дека „токму со следењето на овој процес е поврзано“ прашањето за тоа кога во Парламентот ќе бидат донесени за ратификација трите меморандуми со нашата земја.

На коментарот на новинарката дека „досега немаше проблеми во Македонија“ и сепак не беа ставени на дневен ред, Мицотакис кусо одговори дека тоа, ќе го оценат тие во соодветно време.