Американскиот државен секретар Мајк Помпео го именуваше високиот претставник на Стејт департментот Метју Палмер за свој специјален претставник за Западен Балкан.
Стеј департментот соопшти дека Палмер ќе ги „предводи напорите за зајакнување на американскиот дипломатски ангажман во поддршка на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот“ и дека ќе биде насочен „на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во западните институции“.
Палмер во неговата нова улога ќе учествува во работата на Стратешкиот форум на Блед кој почнува на 1 септември, се наведува во соопштението.
Се додава дека потоа тој ќе го претставува САД на состанокот на директори на земјите на Квинта за Балкан во Брисел и ќе присуствува на состаноците во Виена и Подгорица од 4 до 10 септември.
Палмер ќе продолжи да ја извршува должноста заменик помошник на Мајк Помпео за Европа и Евроазија, наведува Стејт департментот.
Американскиот весник „Форин полиси“ денеска објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека се очекува Палмер да ја преземе улогата на американски посредник во дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Во обид одново да се продолжи со стопираниот дијалог меѓу Србија и Косово, од Стејт департментот се очекува да постави нов специјален претставник за Балкан со цел да го заврши долгогодишниот спор во југоисточна Европа. Метју Палмер, дипломат со кариера со искуство на Балканот, веројатно ќе биде поставен за специјален претставник, наведува Форин полиси.
Comments are closed for this post.