Германската канцеларка Ангела Меркел која е во посета на Хрватска денеска изјави дека Берлин „начелно ја поддржува” европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но оти „при тоа треба да се земе предвид дека критериумите мора да бидат исполнети”.
„Европската перспектива на Западен Балкан начелно ја поддржуваме, но треба да се земе предвид дека критериумите за членство мора да се исполнат и секако ќе се позанимаваме со тоа прашање“, рече Меркел во Загреб после средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Германија ќе претседава со Европската унија после Хрватска која оваа функција ќе ја преземе во првата половина од следната година и како еден од своите приоритети го одреди јакнењето на европската перспектива на Југоисточна Европа.
Меркел престојува во Загреб за да присуствува на централниот предизборен собир на ХДЗ пред изборите за Европскиот парламент, во загрепската хала Дражен Петровиќ.
Меркел и Пленковиќ имаа тет-а-тет разговор по што одржаа заедничка прес-конференција.
Според хрватските медиуми, германската канцеларка ќе биде главен говорник на собирот на ХДЗ.
Comments are closed for this post.