Косовскиот премиер Рамуш Харадинај објави денеска дека примил писмо од германската канцеларка Ангела Меркел, во кое таа го поддржува Косово во намерата за зачленување во Интерпол, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што напиша Харадинај на Фејсбук, каде што го објави и писмото од Меркел, Германија продолжува силно да го поддржува Косово во неговите напори за зачленување во меѓународните организации, вклучително и Интерпол, каде што Косово ќе се обиде да се зачлени на Генералното собрание што ќе се одржи на 20 овој месец во Дубаи.

– Силната поддршка на пријателска Германија за зачленувањето на Косово во Интерпол доаѓа во еден клучен момент за меѓународната консолидација на нашата земја. Канцеларката Меркел порачува дека овој чин ќе ја зајакне интеграцијата на Република Косово во меѓународната заедница и е во служба на подобрувањето на соработката на полето на безбедноста и истрагите околу транснационалниот криминал, напиша Харадинај, изразувајќи „длабока благодарност на канцеларката Меркел и на германската држава за постојаната поддршка”.

Писмото од Меркел на косовскиот премиер му е предадено од страна на германскиот амбасадор во Приштина Крстиан Хелд.