Опозициската Бугарска социјалистичка партија побара одземање на пасошите на лицата, кои неправилно добиле бугарско државјанство, јавуваат медиумите.
Оваа влада го продава бугарскиот идентитет и треба да си оди, изјави лидерката на партијата, Корнелија Нинова.
Според неа, луѓето кои добиле пасоши без основа, треба да бидат откриени, а потоа да се пристапи кон процедура за одземање на документите.
Позицијата на партијата следува по огромниот скандал во бугарската Државна агенција за Бугарите во странство.
Поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, Александар Јорданов, во текст за порталот Фактор.бг, меѓу другото, напиша дека „алчни глувци го претворија бугарското држвјанство во стока за продавање„, што се случувало со години, а не од денес. Притоа, Јорданов дава и соодветна национална, политичка и економска димензија на целата афера.
Според Јорданов, близу 100.000 македонски граѓани се веќе и бугарски граѓани. Но, кога се спроведуваат избори, во Република Македонија од тие „новобугари„ не гласале дури ни 1.000 души, т.е. под 1%.
На бугарскиот пасош македонските „новобугари„ гледаат како на безвизна пропусница за други држави во Европската унија. За нив, тој е „бизнис зделка„, прагматична можност, екомија, а не национално самоосвестување. Тој нема ништо заедничко со патриотизмот и родољубието, пишува Јорданов.
За него, ниту еден вистински патриот не би си дозволил активности, што би го оцрниле името на Бугарија. А, во случајов, „бугарското„ станало синоним за „на продажба„, пишува тој.
Далаверата со „бугарското државјанство„ и „бугарскиот пасош„, според поранешниот амбасадор во Скопје, е скандалозно примена во Македонија, но барем денес не би требало да има две мислења дека „соработката„ за добивање бугарско државјанство за пари ја понижува Бугарија.
Comments are closed for this post.