Ден по парламентарните избори во Косово, на кои неговата партија извојува победа, лидерот на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, им порача на граѓаните дека „од синоќа во Косово има надеж, затоа што вчера имаше храброст“.
Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека народот одлучил промените да ги предводи движењето „Самоопределување“.
На сите вам кои гласавте вчера сум ви благодарен што ја исполните граѓанската должност и демократската обврска во едно тешко време како што е ова низ кое поминуваме и во една сакана држава каква што е нашето Косово. Сите вам кои гласавте за промени, а посебно за Самоопределување, сум ви благодарен за високата свест и длабоката совест за спасување на нашата република од натамошното пропаѓање – напиша Курти.
Според Курти, кој синоќа објави дека ќе биде иден премиер на Косово, граѓаните придонеле за тоа косовската драма да нема трагичен крај.
Граѓаните проговореа со нивните гласови. Тие интервенираа масовно на политичката сцена за косовската драма да нема трагичен крај. Мудроста на нашиот народ во решавачките моменти беше ништо помалку од фантастична. Сега ние треба да работиме. Но повторно заедно со граѓаните. Никогаш настрана или позади граѓаните. Заедно, секогаш – порача Курти.
Comments are closed for this post.