Во текот на последните години, за време на избори, дезинформации се користени барем во 18 држави, покажува извештајот на „Фридм хаус„, што го пренесува софиски „Дневник„. Од септември 2015 година, европските служби  собрале над 4.400 примери за прокремљска пропаганда, која ги негира јавно познатите факти. Дури 83 отсто од Европејците ги сметаат лажните вести како опасност за демократијата.

Во вакви околности догодина ќе се спроведат изборите за Европскиот парламент. На иницијатива на Европската комисија интернет гигантите и бизнис асоцијациите потпишаа кодекс за борба со таа појава, а неделава на еврокомесарот Марија Габриел и ги врачија нивните индивидуални планови за тоа.

За првпат во светот имаме случај во кој индустријата се согласи на доброволна основа да воспостави саморегулаторни стандарди за борба со дезинформациите. Ако резултатите се покажат како незадоволителни, можеме да предложиме и дополнителни активности, вклучувајќи и такви од регулаторен карактер, изјави Габриел.

Потписниците на кодексот се согласиле да се откажат од рекламните приходи за пропагандни акаунти и сајтови, да објават информација кој стои зад политичките реклами, да ги ограничат лажните акаунти и ботови и квалитетните содржини да ги прават повидливи.

Терминот „лажни вести„ не се користи во документите-според Комисијата тој го минимизира проблемот и таа го претпочита поимот „дезинформација„, што се дефинира како „лажна информација, создадена и распространета со цел да влијае врз општественото мислење или да ја прикрие вистината„. Таа не ги вклучува новинарските грешки, сатирата или пародијата. Лажмите вести сами по себе не се незаконски и не постои законодавство, што ќе се занимава со нив.

Кодексот е отворен за потпишување од социјалните медиуми, пребарувачите, онлајн рекламните мрежи и рекламерите, зашто секоја од овие групи нуди различни видови услуги преку различни технологии на различни аудиториуми. При потпишувањето, тие можат да прецизираат кои точно ангажмани ќе ги прифатат.

Фејсбук

Од летото, оние што имаат потреба можат да ги проверат спонзорираните постови на страниците-доволно е да влезат во соодветната страница и да ја изберат секцијата Info and Ads. Таа ја покажува како спонзорираната содржина, така и какви постови се рекламираат во различни држави, а има и посебна секција за спонзорирана содржина на тема политика и општествени прашања.

За есенва, компанијата предвидела: обука за сите политички групи во Европскиот парламент како да го користат Фејсбук во нивните кампањи, тркалезна маса за интегритетот на изборите, создавање на онлајн ресурси за изборите со информација за инструментите на Фејсбук и примери за добри практики.

За пролетта 2019 година, компанијата ветила дека ќе воведе свој инструмент за видливост на политичките реклами во целата Европска унија. Во САД, политичките реклами веќе одат со објаснување кој и колку платил за нив и колку и какви луѓе стигнале до нив.

Гугл

За есенва, компанијата ветила: да започне со обуки на политичките групи, да објави инструменти за видливост на политичките реклами и тие да бидат активни за време на изборите, како и да претстави инструменти за сигурност и да ги обучи европските политички групи како да ги користат.

За пролетта 2019 година се ветени: нови инструменти за видливост на политичките реклами, како и достапност до Fact Check Explorer-инструмент, што ќе го олесни маркирањето и откривањето на содржините за проверка на фактите.

Твитер

Оваа есен микроблогинг платформата ќе ги осовремени и прошири своите правила за идентификување на лажни акаунти и за тоа ќе ги обучи политичките групи.

Во првите три месеци на 2019 година ќе создаде посебен центар за европските избори во кој ќе публикува корисни информации за неговите корисници и политичарите, како и инструменти за безбедност. Истовремено, ќе го осовремени и својот центар за видливост на рекламите со посебен портал за политичките реклами во ЕУ.