Со потписи на 113 општественици до пратениците на Народното собрание е покрената иницијатива за менување на 3 Март како национален празник на Република Бугарија и одредување друг, навистина достоен ден за бугарски национален празник, пишува Фактор.бг. Иницијативата е отворена за јавна поддршка, може да биде поткрепена и електронски, а наредната недела ќе биде и официјално поднесена до парламентот.
Иницијаторите сметаат дека националниот празник треба да биде на датум поврзан со општонационален настан, што ќе биде повод за гордост на секој бугарски граѓанин и ќе го зацврсти достоинството и независноста на нацијата како дел од Европа и цивилизираниот демократски свет. Празникот треба да биде поврзан со заедничките народни напори за слобода, власта на народот, независноста и националното обдинување.
Не е случајно што повеќето нации го прифаќаат „Денот на независноста“ за свој национален празник. „Денот на независноста на Бугарија“-22 септември е достоен да биде прогласен за национален празник, заедно со „Денот на обединувањето“-6 септември, или „Денот на бугарската писменост и култура“-24 мај. Писменоста, обединувањето и независноста на Бугарија се наши национални вредности, со кои можеме заслужено да се гордееме не само денес, туку и во иднина.
Недозволиво е како национален празник да продолжуваме да го чествуваме роденденот на рускиот император Александар II и потпишувањето на договорот меѓу Руската и Османлиската империја. Во пракса, со тој договор се озаконува руската воена и политичка окупација на бугарските земји и се валоризира нивното преминување од османлиско кон прикриено, но фактички руско управување на неодредено време. Тоа не е државотворен акт на Бугарија-во него не учествува ниту еден Бугарин. На тој ден не е создадена Третата бугарска држава.
Создавањето на Третата бугарска држава е сложен, тежок и долг процес, започнат со бугарската Преродба, и е поврзан со напорите за национално просветлување, за создавање на сопствена независна црква и револуционерна организација способна без туѓа помош да го оствари ослободувањето на Бугарија. Таа борба по Априлското востание им дава основа на Големите сили на Цариградската конференција да донесат одлука за воспоставување на бугарска автономна државност во границите на Бугарската егзархија.
Република Бугарија и нејзините родољубиви граѓани не можат за свој национален празник да имаат датум, кој ја величи политиката на странска држава. Историските факти за 3 март 1878 година се смислено фалсификувани и погрешно се интерпретираат како во бугарските училишта, така и во бугарските медиуми. Трети март внесува опасна поделба во бугарското општество.
Потсетуваме дека 3 март ни беше наметнат тивко, подмолно и без никаква општествена дебата од страна на владата на БКП и марионетското народно собрание во март 1990 година како лажна демонстрација на откажување на БКП од нејзиното советско-комунистичко минато и за смирување на Русија дека Бугарија ќе продолжи да биде нејзин сателит и држава со ограничен суверенитет.
Comments are closed for this post.