Бугарскиот претседател Румен Радев утрово и го врачи мандатот за состав на нова влада на кандидатката за премиер од втората по бројност парламентарна група на Има таков народ, Антоанета Стефанова. Таа веднаш му го врати мандатот со образложение дека не сакаат да учествуваат во непринципиелни коалиции.

-Во кризи како денешната, Бугарија има потреба од ефикасна влада и затоа на секој мандат се гледа со посебно внимание. Но, ги разбирам и вашите мотиви, зашто одржлива и ефикасна влада не може да биде формирана врз основа на непринципиелни договори и не може да биде ангажман само на една партија, изјави меѓу другото претседателот Радев.

Лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов уште завчера објави дека тие нема да формираат влада и оти веднаш ќе го вратат мандатот.

Претседателот Радев сега треба да одлучи на која од останатите четири партии во Народното собрание ќе и даде можност да формира влада. Ако пропадне и третиот обид, Радев ќе треба да назначи техничка влада, да го распушти собранието и да закаже нови избори.