Премиерот на Косово во заминување Рамуш Харадинај го заврши интервјуто пред Судот за воени злосторства во Косово, каде што, како што рече, ги послушал правните совети и се бранел со молчење.

Во изјава за косовските медиуми по напуштањето на судот во Хаг, Харадинај рече дека по денешното интервју нема други обврски кон Судот и најави дека ќе се врати во Косово и дека е подготвен за новите парламентарни избори.

– Го прифатив правниот совет да не одговарам воопшто на прашањата. Со ова моите правни обврски кон Судот се завршија и други обврски немам. Ова е сето што можам го да кажам денеска. Нема некаков материјал, содржина за тоа за што станува збор и правниот совет беше да не навлегувам во дискусии. Не знам за што сум повикан, побарав објаснување, но не добив конкретен одговор. Заради мојата улога во Ослободителната војска на Косово, секако, но не за нешто конкретно, изјави Харадинај.