Повредени најмалку тројца полицајци, од кои еден посериозно, приведени десет лица, материјална штета на автомобили и продавници, запленети молотови коктели, но и осуда од политичките сили во Грција е исходот од синоќешните протести против полициското насилство во атинската населба Неа Смирни, кои завршија со сериозни инциденти јави дописничката на МИА од Атина.

Посериозно е повреден полицаец кој беше нападнат од поголема група маскирани лица и со повреди на главата беше префрлен во болница, меѓутоа не е во животна опасност.

Инцидентот се случи кога полицајци со мотори во движење беа нападнати од поголема група, а повредениот беше совозозач на последниот мотор, а маскираните лица откако го фрлија на земја, продолжија со ударите.

Населбата, што важи за една од помирните во јужниот дел на Атина, синоќа наликуваше на бојно поле кога маскирани лица фрлаа камења, дрва, но и огромен број молотови коктели, а полицијата одговори со солзавец, шок бомби и со топови со вода.

Полицијата соопшти дека пред протестот заплениле молотови коктели.

Инцидентите со прекини траеја неколку часа, а насилството го осудија како од грчката Влада, така и од опозициските партии.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата видео изјава повика на воздржаност и смиреност, рече дека „жалните слики на насилство што сите ги видовме во Атина, мора да бидат последни“ и истакнува дека „слепиот бес не води никаде“.

-За жал, некои луѓе ги игнорираа нашите предупредувања. И, на оние кои се обидуваат да шират омраза и поделба во општеството за да го покријат сопствениот ќорсокак, како што тоа го правеа во минатото, им одговарам со следново: Вечерта на изборите на 7 јули 2019 година, истакнав дека сум тука за да гарантирам единство, безбедност и просперитет на сите Грци. Ова го повторувам и сега. Нема да дозволам никој да не дели. Нема да дозволиме никој да не врати назад, рече Мицотакис.

Од опозициската СИРИЗА ги осудија инцидентите,како и нападот врз полицаецот и истакнаа дека „на насилството не се одговара со насилство“ и „насилството само го оправдува насилството “.

Вчерашниот протестот беше организиран откако во неделата жителите на атинската населба Неа Смирни, преку сведоштва и објавени видеа на социјалните мрежи обвинуваа за полициско насилство врз момче.

Протестот започна мирно со учество на над 5.000 лица, а заврши со сериозни инциденти.