Ги очекуваме одлуките и на Европската агенција за лекови и на Националната комисија за вакцинација, за да започне имунизацијата и со вакцината на Џонсон и Џонсон, а веројатно тоа ќе биде во текот на мај, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистиклеус, денешната редовна прес конференција, јави дописничката на МИА од Атина.
Првично беше планирано имунизацијата во Грција со конкретната вакцина да започне денеска, со оглед на тоа дека минатата седмица веќе пристигнаа 33.600 дози.
Претседателката на Националната комисија за вакцинација на Грција професорката Мариа Теодориду, изрази надеж дека набргу ќе биде одобрена и вакцината на Џонсон и Џонсон, бидејќи, како што рече, главната предност е што е со само една доза, а заштита започнува 14 дена по вакцинацијата.
Теодориду се осврна и на вакцинацијата на бремените жени, објаснувајќи дека не постои никаква опасност и вакцините кои не содржат жив вирус можат да се користат и за нив.
Во однос на процесот на имунизација во земјата, Темистиклеус рече дека од 27 декември до денеска биле спроведени 2.530.000 вакцинации, од кои 1.760.000 граѓани ја примиле првата доза (16,75 отсто имунизациска покриеност), а 770.000 лица се ревакцинирани, односно постигнати 7,35 проценти.
Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција го соопшти и планот за вакцините што земјата очекува да ги добие во следните два месеци.
Од четирите компании, во текот на мај и јуни, се очекува во Грција да пристигнат над седум милиони дози.
Најголемиот дел се од Фајзер, над четири и пол милиони, од кои 2.150.000 дози во мај и 2.425.000 во јуни.
Од Модерна се очекуваат 354.000 дози следниот месец и 308.000 во јуни, од Џонсон и Џонсон дополнителни 1,2 милиони од кои 300.000 во мај, а останатите во јуни, а од Астра Зенека, иако сè уште не ја потврдиле доставата, Грција очекува 450.000 дози за секој месец.
Темистоклеус соопшти дека во среда ќе се отвори платформата за закажување термин за вакцинација за граѓаните на возраст од 55 до 59 години, а во сабота за оние од 50 до 54 години.
Објасни дека во зависност од интересот и бројот на пријавени граѓани, ќе се одреди датумот за пријавување и на следната возрасна група.
Во Грција денеска е регистриран негативен рекорд на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега, вкупно 847, највисок број од почетокот на епидемијата.
Националната организација за јавно здравје на Грција соопшти 1.607 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број се зголеми на 316.879 заразени, починаа 78 лица, односно вкупно 9.540 од почетокот на пандемијата.
Comments are closed for this post.