Командантот на Безбедносните сили на Косово (ФСК), генералот Рахман Рама изјави денеска дека добрата соработка со меѓународните сили во земјата КФОР и со НАТО продолжува и во фазата на транзиција на ФСК во Војска на Косово.

Рама во денешното излагање пред собраниската Комисија за внатрешни работи нагласи дека на косовската војска не ѝ недостасува меѓуародната поддршка.

Еден од нашите приоритети е професионалното надградување за мисијата и задачите кои не очекуваат во иднина. Соработката со меѓународните партнери е добра и не недостасува ниту поддршката во опрема, рече командантот на ФСК.

Во врска со воената дипломатија, Рама истакна дека во моментов ФСК има седум воени аташеа низ светот, меѓу кои во САД и Брисел, а во процес е именувањето на воени дипломатски претставници и во Франција и Италија.

Тој рече дека наскоро на ФСК ќе и се приклучат 650 нови кадети, кои ќе бидат избрани според критериумите на НАТО од околу седум илјади млади кои се пријавиле на конкурсот.

Рама најави дека со ребалансот на Буџетот на Косово, ќе се побараат дополнителни средства за Војската, за што доби поддршка од членовите на Комисијата.

Во октомври минатата година косовското Собрание, со гласање од сите политички субјекти, освен оние кои ги претставуваат Србите во земјата, усвои пакет закони со кои ФСК практично се трансформира во Војска на Косовo