ЕУ и САД го усогласиле текстот на договорот за решевање на косовското прашање, кој предвидува поделба на Косово и размена на територии меѓу Белград и Приштина, тврди германскиот весник „Франкфуртер Рундшау“.

Според весникот, документот насловен „Договор за нормализација на односите“ содржи 17 точки и би требало да биде потпишан од страна на високи претставници на Србија и Косово на 12 јуни во Вашингтон, а би стапил во сила шест месеци подоцна.

„Франкфуртер Рундшау“ наведува дека договорот предвидува повлекување нови граници меѓу Албанците и Србите во северно Косово“, кое би било прклучено кон Србија, додека кон Косово би биле припоени местата во Србија претежно населени со Албанци.

Според весникот, Косовска Митровица би добила „специјален статус“, Газивода и Трепча„би биле приватизирани на 99 години и ставени под управа на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, додека Коридорот 10 во јужна Србија би бил ставен под меѓународна заштита.

„Франкфуртер Рундшау“ посочува дека Белград и Приштина се изложени на притисок кој постојано расте за да го прифатат ваквиот договор.

Според весникот, идејата за етничка промена на границите уште од август минатата година ја поддржуваат еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, а сега за неа доаѓа поддршка и од Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, со што бил направен пресврт во ставот за ова прашање за 180 степени.