Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург повторно ги повикаа одговорните во Босна и Херцеговина што побрзо да воспостават влада на државно ниво и во Федерацијата БиХ.

Ја потенцираме недвосмислената посветеност на европската перспектива на Босна и Херцеговина како единствена, обединета и суверена земја. Со оглед на тоа што од минатогодишните општи избори не се формирани влади на државно ниво, како и во Федерацијата БиХ, Советот го повтори својот повик БиХ без одлагање да формира влада која ќе почне да работи во интерес на сите граѓани, се вели во соопштението на Советот за надворешни работи.

Босна и Херцеговина сè уште нема влада, иако изборите беа одржани пред една година.

Советот, исто така, ја потврди подготвеноста на ЕУ „во оваа фаза да продолжи да го спроведува извршниот мандат на операцијата ЕУФОР Алтеа за поддршка на властите на БиХ за зачувување на безбедно опкружување под обновен мандат на ОН“.