Брисел драстично ја намали помошта за Турција, што беше наменета за подготовка за евентуалното присоединување на земјата кон Европска унија, поради недостиг на напредок од страна на Анкара во исполнување на критериумите, соопшти денеска Европската комисија.
Европска комисија ја намали помошта за Турција за приближно 40 проценти за периодот од 2018 до 2020 година. Со таа мерка, Турција ќе добие 759 милиони евра помалку од предвиденото.
Покрај недоволен напредок во исполнување на критериумите за членство, ЕК како втора причина за намалување на средствата наведува дека Турција има мал број реализирани проекти, во кои Европска унија сакала да инвестира, пред се за правна држава и демократија.
Но, и покрај намалување на помошта Турција ќе добие 1,18 милијарди евра од ЕУ за адаптација на европските стандарди.
Во рамките на европскиот буџет за периодот од 2014 до 2020 година беа предвидени 4,45 милијарди евра помош за Турција за евентуалното членство на земјата во ЕУ. Но, досега на Анкара доделени и се само неколку стотина милиони евра.
Односите помеѓу ЕУ и Турција значително се влошија по обидот за државен удар во 2016 година и масовното затворање и отпуштање од работа пред се на опозиционерите и новинарите.
Според новата стратегија нема повеќе да има определена сума за петте земји кандидатки за членство во ЕУ- Македонија, Турција, Албанија, Црна Гора и Србија. За тие земји е предвиден заеднички пакет во висина од 14,5 милијарди евра и средствата ќе бидат распределувани според напредокот на секоја земја поединечно.
Турција од ЕУ од 2016 година има добиено помош од три милијарди евра за прием на 3,5 милиони бегалци од Сирија.
Comments are closed for this post.