Грчка „Ефимерида“ денес објавува интервју со амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пјат, во кое тој посочува на неколку важни прашања – од американско-грчките односи, до Преспанскиот договор.
Што се однесува до односите меѓу Вашингтон и Атина, Пјат, кој претходно беше амбасадор во Украина и тоа токму во времето на соборувањето на Виктор Јанукович, вели дека тие се многу поцврсти отколку многу години претходно.
Тој ја истакнува регионалната улога на Грција при што ја издвојува соработката меѓу Грција, Романија, Бугарија и Србија, а особено важна е неговата пораката за „правото на Кипар да експлоатира гас, односно сопствени ресурси“, прашање кое е од особена важност за Медитеранот и за Турција.
За Преспанскиот договор Пјат вели дека е „постигнат од две суверени демократски избрани влади, а честитките за Договор одат за премиерите Ципрас и Заев, и двајцата покажаа голема политичка волја и визија“ и притоа изразува надеж дека и двете општества ќе добијат повеќе со Преспанскиот договор.
„Би сакал да кажам, а тоа ми беше зацврстено кога минатиот месец бев во Вашингтон, дека Преспанскиот договор има значајно влијание за перцепцијата кон Грција. За сликата за Грција како безбедносен партнер на САД, НАТО, за сликата за улогата на Грција која може да ја игра во помагањето да се изгради постабилен и напреден поширок регион. За нас, да гледаме како Скопје се забрзува кон членството во НАТО е важен аспект за нашата стратегија да го стабилизираме регионот и да одговориме на проблемот со лошото руско влијание и да помогнеме во расчистувањето на тоа дека судбината на сите овие земји треба да биде на Запад, во Европа, во евро-атлантските институции“, вели Пјат.
Американскиот амбасадор притоа особено ја подвлекува улогата на посредникот Метју Нимиц, но и на екс-министерот Никос Коѕијас „кој ја скицираше формата на договорот и како тој да биде постигнат“.
Пјат на крајот подвлекува дека што се однесува до договорот за името (номенклатурата) треба да се има предвид дека за земјата е важно да постигне компромис во кој САД силно веруваат.
Comments are closed for this post.