Секогаш сметав дека Договорот од Преспа, на балансиран, праведен и корисен начин ги решава прашањата што предизвикуваа сомнежи и поделба меѓу нашата земја и ПЈРМ, вели министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека доставените уставни амандмани, но и последните изјави на македонскиот премиер го потврдуваат овој став, а паралелно ги уриваат аргументите на Нова демократија.

Ѕанакопулос потенцира дека ратификацијата на Договорот од Преспа им служи на интересите на Грција и на поширокиот регион и изрази убедување дека ќе добие мнозинство од грчкиот парламент.

Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена, вели Ѕанакопулос и додава дека треба приоритет да бидат интересите на земјата, а не предизборните тактики или партиските стремежи.

Прашан за тоа дали можеби Нова демократија би гласала за протоколот за влез на Македонија во НАТО, портпаролот на грчката влада и министер без ресор вели дека „тоа ќе зависи од обемот на хипокризијата на Мицотакис“.

Во однос на тоа дали евентуалното повлекување на Независни Грци би можело да доведе и до предвремени парламентарни избори, Ѕанакопулос објаснува дека владата ќе го заврши мандатот, бидејќи по излезот од меморандумите, „пред себе има големи политички и институционални предизвици“.

Да бидете сигурни дека постоечките парламентарни корелации гарантираат дека владата ќе одговори на овие предизвици и ќе ги постигне целите со искористување на четиригодишниот мандат, вели Ѕанакопулос во интервјуто за АНА-МПА.