Министерството за надворешни работи (МНР) денеска преку Амбасадата на Македонија во Бугарија до бугарското Министерството за надворешни работи упати протестна нота во врска со објавено видео на пратеникот во Европскиот парламент од Бугарија и заменик-претседател на политичката партија ВМРО-Бугарско Национално Движење, Ангел Џамбаски.
Од МНР вечерва соопштија дека ќе известат и соодветно ќе реагираат до институциите во Европската унија.
Според Министерството за надворешни работи, ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји.
-Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени, се вели во соопштението на МНР.
Заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД Џамбаски во објава и видео-спот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид и други локации од државава наведува дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над се“
Comments are closed for this post.