Косовскиот претседател Хашим Тачи се обидува да издејствува право да потпише договор со Србија за конечно решение на споровите меѓу двете земји без тој договор да се ратификува во Собранието на Косово.
За да го избегне гласањето во Парламентот за евентуалниот договор со неговиот српски колега Александар Вучиќ, а за што се потребни гласовите на две третини од пратениците, Тачи побара од Уставниот суд на Косово толкување на членот 18 од Уставот, со кој се регулира донесувањето меѓународни и меѓудржавни договори на земјата.
Во барањето за толкување на овој член од Уставот, Тачи се повика на практиката за склучување договори меѓу Косово и мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС, што се реализира со писма на намери меѓу двата субјекти, кои беа потпишувани од шефот на косовската држава и оној на Еулекс. За ваквиот билатерален договор со ЕУ не е предвидено гласање.
Сепак, како што коментираат приштинските медиуми, членот чие толкување го бара Тачи од Уставниот суд, предвидува дека за сите прашања што се однесуваат на меѓународни договори кои се однесуваат на територијата на Косово, мирот, сојузништвата, прашањата од сферата на одбраната и безбедноста и слично, мораат да бидат ратификувани во Собранието на Косово со двотретинско мнозинство.
Барањето на Тачи за толкување на споменатиот член на Уставот, Уставниот суд го препрати до Собранието на Косово, по што парламентарниот спикер Кадри Весели синоќа им го поделил на пратениците, кои за тоа треба да се изјаснат до 28 септември.
Повеќе медиуми и аналитичари во Косово тврдат дека, со ваквиот притисок врз Уставниот суд, Тачи се обидува да обезбеди терен за да ги спроведе во дело неговите и намерите на неговиот српски колега Александар Вучиќ за постигнување конечно решение за споровите меѓу двете држави преку размена на територии.
Прекројувањето на границите меѓу двете земји, што би подразбирало кон Косово да се припои Прешевската Долина, а кон Србија делови од северно Косово, Тачи го нарекува „корекција на границата“, а Вучиќ „разграничување со Косово“.
Comments are closed for this post.