По дводневната расправа, вкупно 12 часа и обраќањето на 38 пратеници и двајцата известувачи Комисијата за надворешни работи и одбрана на грчкиот Парламент го усвои нацрт-законот според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што произлегува од дискусијата и изнесените ставови на членовите на Комисијата и на присутните членови, нацрт-законот од Министерството за надворешни работи на Грција „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите, прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“ со мнозинство е усвоен и во секој член и во целост, рече претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА, Костас Дузинас.
По усвојувањето, комисијата ќе состави извештај што ќе биде доставен до Парламентот, а веќе целото внимание се насочува кон пленарната седница што започнува утре, во 10 часот наутро по локално време, а гласањето ќе биде во четврток вечер.
Денешната расправа траеше континуирани шест и пол часа, а пратениците, во зависност од тоа која е нивната матична партија зазедоа став, позитивен или негативен, за Договорот од Преспа.
Со говор, седницата ја затвори алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос кој говореше за успешен договор и рече дека „очекува одговорност, чувство за национална одговорност и искреност од сите политички сили“.
Позитивно за договорот говореа пратениците од СИРИЗА, како и независниот пратеник Данелис и Мавротас од Река.
Македонија не е една и грчка. Грчката Македонија е грчка. Постојат многу Македонии. Македонии и на другите, кои јасно се одредуваат со Договорот од Букурешт со нашиот потпис, со грчки потпис. Па така, кога слушаме „Македонија е една и грчка“, тоа се сфаќа како иредентизам, рече пратеникот од СИРИЗА, Никос Филис кој објасни дека Македонија стана грчка.
Пратеникот Спирос Данелис, кој поради позитивниот став за договорот беше избришан од пратеничката група на Река, рече дека „вистинскиот патриотизам бара самодоверба и почитување на патриотизмот на другите“.
Опозициските партии, Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора, Независни Грци, Сојуз на централисти и Комунистичката партија на Грција, заедно со независниот пратеник Димитрис Каменос, се против договорот.
Голем дел од пратениците од Нова демократија, во нивните говори го споменаа завчерашниот протест, како одговор на граѓаните во однос на Договорот од Преспа. Пратеникот Атанасиос Кавадиас од опозициската партија рече дека 7 од 10 Грци не се согласуваат со договорот и ја повика владата да ги слушне граѓаните.
Василис Кегероглу од Демократска алијанса рече дека договорот бил донесен без национален консензус, а „решението го зајакнува иредентизмот на другата страна“.
Независниот пратеник Димитрис Каменос кој е против договорот на членовите на комисијата им ја прочита македонската химна, коментирајќи дека „соседите се горди на Македонија, а не на Северна Македонија“.
Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, како што веќе објави МИА, ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Река и Сојуз на централисти, додека, пак, учествуваат и двајца независни пратеници.
Во усвоениот нацрт-закон првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.
Нацрт-законот со датум 18 јануари 2019 е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.
Comments are closed for this post.