За да се спречи ширење на коронавирусот, здравствените власти во Црна Гора решија да го вратат полицискиот час во земјата, како и да воведат построги рестрикции, кои почнуваат да важат од утре, па во наредните 15 дена.

Забраната за движење ќе трае од 21 часот навечер до 5 часот наутро, ограничено работно време во повеќе дејности и забрана за меѓуградски сообраќај во текот на викендите.

Трговските центри, продавниците за облека и обувки, козметичките и фризерските салони, рестораните, обложувалниците и останатите угостителски објекти ќе работат од 7 до 18 часот.

Во Будва и Тиват, каде епидемиолошката состојба е посложена, се забрануваат јавни собири на отворено и на затворено, а угостителските објекти нема да работат, како и компаниите што се занимаваат со непрехранбени производи.

Во овие општини се прекинува работата во образовните институции – градинки, училишта, факултети, и се преминува на онлајн настава.

„На граѓаните на Будва и Тиват им се препорачува да не ги напуштаат териториите на тие општини со цел да се спречи ширењето на епидемијата“,

рече директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ.

Министерката за здравство, Јелена Боровиниќ-Бојовиќ, додаде и дека има можност за продолжување на најавените мерки. Таа појасни и дека е забрането угостителските објекти да пуштаат музика, а во сила останува и важечката забрана за музика во живо.