Поплавени и затворени улици, потонати чамци и материјална штета остави зад себе циклонот „Зорбас“ во делови од полуостровот Пелопонез и  во поширокиот регион на Атина, во текот на вчерашниот ден.

Медитеранскиот циклон денеска се движи кон источна и северна Грција.

Обилниот дожд и силниот ветер, создадоа проблеми во повеќе општини на Пелопонез. Голем број улици се претворија во реки, а циклонот предизвика големи бранови и проблеми во приморските градови.

Во текот на вчерашниот ден, во градот Каламата на Пелопонез, 14 чамци и бродови од различен вид и големина, потонаа и претрпеа материјална штета додека беа закотвени, без притоа да има повредени лица.

Доцна синоќа, грчката полиција затвори неколку булевари за сообраќај во Атина, а денеска е забрането движењето на возила на повеќе локални патишта на Пелопонез.