Директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов на првата прес-конференција по случената трагедија кај „Струма” изјави дека првичните информации укажуваат дека најверојатно се работи за човечка грешка кој што ја отежнале и несоодветните обележувања на автопатот. Сарафов вели дека банкината во која што удрил возачот со автобусот не само што е непотребна на местото, туку е и опасна.

„Немало експлозија, туку она што го слушнале оние кои биле во близина е ударот, силниот удар на автобусот во банкината од десната страна, за која што кажав дека не и е местото таму. Немало експлозија’, изјави Сарафов.

„Во медиумите се прикажува дека има по 15 до 20 очевидци, а нема очевидци. Ние не сме испрашале ниту еден очевидец, освен оние кои преживеале во несреќата. Ќе замолам да нема шпекулации и да се известува професионално. Сведоци нема ниту еден. Прво се распитани двајца од оние кои патувале во автобусот, кои биле будни и тие даваат точни и објективни сознанија. Распитани се посебно еден од друг и кажуваат исти верзии за настанот. Се испрашуваат уште двајца од преживеаните”, вели Сарафов.

Некои од експертизите се готови, а завршени се и обдукциите врз загинатите..

„Обдукциите се готови и покажуваат дека сите загинале од задушување, а не од повреди во сообраќајка. Биле живи во моментот на пожари. Ангажирани се најдобрите авто-технички експерти, а назначена е и анализа од пожарна за интензитетот на пожарот. Ќе се прави и експертиза зошто автобусот скршнал од патот и што довело до трагедијата. Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби, но има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од нив. Нема туби од бензин, освен оние вообичаените”, изјави Сарафов.

Тој ја отфрли верзијата за можен терористички напад врз автобусот и додаде дека како дел од причините на несреќата се и лошите обележувања на автопатот.

„Гледаме дека има лошо обележана сигнализација на патот, и дека автобусот удрил во банкината која не само што не е корисна, туку е и опасна за сообраќајот”, појаснува Сарафов.