Од шест часот утрово стапија во сила новите рестрикции во областа Атика, поширокиот регион на Атина, односно се воведува 17-дневен строг карантин, што завчера во видео порака до граѓаните го најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Бизнисите и услугите што претходно беа отворени, како што се продавниците, фризерските и козметичките салони, берберниците, од денеска целосно затворени и се укинува услугата „click away“.
Учениците во Атина, како од основните, така и од средните училишта се враќаат на онлајн настава, а затворени ќе бидат и градинките.
Полициски час и понатаму е во сила од 21 часот од понеделник до петок и од 18 часот за време на викендите, движењето на граѓаните, како и во изминатите три месеци, е само по претходно испратена смс порака.
Литургиите во црквите ќе бидат без присуство на верници, а за свадби, погреби и крштенки, дозволени се најмногу девет лица .
Угостителските објекти, кои се целосно затворени веќе три месеци, како и досега ќе можат да работата со достава и со услугата „take away“
Отворени ќе бидат само супермаркетите, продавниците за храна, аптеките, продавниците за домашни миленичиња, бензинските станици, центрите за техничка контрола на возила, како и сервисите за возила.
Исклучок има за цвеќарниците, кои ќе бидат работат следниот викенд на 13 и 14 февруари.
Во државниот сектор за 50 отсто од вработените, задолжителна е работа од дома, додека пак за приватниот сектор, задолжителна е работата од дома за колку е можно повеќе вработени.
Јавниот превоз во Атина ќе функционира со 65 отсто од капацитетот, а бродовите со 50 или 55 проценти во зависност од видот.
Во автомобилите и такси возилата дозволени се најмногу две лица.
Од денеска, па се до 28 февруари, до кога се во сила рестикциите, ќе бидат засилени контролите за почитување на мерките.
Comments are closed for this post.