Европратеникот од ВМРО, Ангел Џамбаски, минатата среда претпладнето, бил фатен со полн пиштол „макаров“ на аеродромот во Софија, јавуваат бугарските медиуми.
Партискиот заменик на Красимир Каракачанов се обидел со оружјето да се качи на авион за Брисел. Вработени на аеродромското обезбедување го откриле оружјето на Џамбаски при рутинска контрола на патниците пред полетувањето за Брисел. Се покажало дека во пиштолот на европратеникот имало 8 куршуми и еден во цевката.
Веднаш следувала процедура за одземање на оружјето на Џамбаски. Но, тоа го разгневило заменикот претседател на ВМРО и тој почнал да се буни и да го провоцира обезбедувањето. Органите на редот неколку пати љубезно му објаснувале какви се антитерористичките мерки воведени од сите авиокомпании и аеродроми во светот, вклучувајќи ја и забраната за носење оружје, како на аеродромите, така и за време на летовите.
Европратеникот му рекол на обезбедувањето дека, едноставно, го заборавил оружјето кај себе! На крајот обезбедувањето го пуштило Џамбаски непречено да полета за Брисел.
Два дена подоцна, на 23 ноември, европратеникот од Брисел се вратил на аеродормот во Софија и веднаш побарал да му го вратат „макаровот“. Според очевидци, овојпат Џамбаски бил сосема различна личност и од арогантното и агресивно однесување немало ништо. Бил исклучително љубезен со обезбедувањето додека му ги подготвувале документите за враќање на оружјето. Џамбаски си го земал пиштолот, а аеродромските власти се обиделе да го прикријат настанот.
Comments are closed for this post.