Лидерот на опозициското Движење самоопределување (ВВ) и поранешен премиер на Косово, Албин Курти е еден од 47-те од вкупно околу 1.080 пријавени кандидати, кој не ќе може да учествува на вонредните парламенарни избори во Косово на 14 февруари, објавија приштинските медиуми, повикувајќи се на извори во Централната изборна комисија на Косово (ЦИК).
Портпаролот на ЦИК, Ваљмир Елези, без да објави имиња, попладнево на прес-конференција изјави дека 47 кандидати, согласно Уставот и законите, немаат право да учествуваат на изборите, затоа што биле правосилно осудени за кривично дело во изминатите три години.
Елези информира дека спорните кандидати се на листите на 15 од вкупно 28 субјекти кои аплицирале за сертификација, а се идентификувани во соработка со надлежните судски органи. Тие предлози за одбивање или прифаќање ќе му бидат претставени на ЦИК, кој ќе ја донесе конечната одлука.
По примањето на одговорите, Канцеларијата за регистрирање на политичките партии и за сертификација ќе ја изготви препораката за прифаќање или одбивање на сертификацијата на политичките субјекти и нивните кандидати. Овие препораки ќе се претстават на седница на ЦИК, изјави Елези.
Тој нагласи дека Комисијата не може да ги објави имињата на кандидатите кои немаат законско право да учествуваат на изборите, но дека до 22 јануари ќе донесе одлука и ќе ги извести засегнатите субјекти, со барање да ги коригираат листите.
Доколку некој политички субјект или кандидат не биде сертификуван, тој има право да поднесе поплака до Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП). Предметот може да оди до Врховниот суд доколку странката е незадоволна од одлуката на ПЗАП. Овој период на поплаки и одлучување е предвидено да заврши до 31 јануари. По ова, на 1 февруари следи ждрепката за поредокот на политичките субјекти на гласачките ливчиња за овие избори, информира Елези.
Уставниот суд на Косово на 21 декември го прифати барањето токму на партијата на Курти, ВВ, за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците за избор на владата на Абдулах Хоти и одлучи дека треба да се организираат вонредни парламентарни избори.
Во образложението на одлуката се оспори правото на глас на пратеникот од партиите на немнозинските етнички заедници, Етем Азири, поради тоа што бил правосилно осуден поради кривично дело.
Во истата пресудата на Уставен се нагласува дека нема право да се кандидира за пратеник лице кое три години пред одржувањето на изборите било казнето со првосилна пресуда со затвор во траење од повеќе од една година.
Според дел од косовските медиуми и правните експерти, освен што се урна Владата на Хоти, одлуката е на штета и на самото ВВ, затоа што со неа му се забранува и на лидерот Курти и на неколку видни членови на таа партија да се кандидраат за пратеници на наредните парламентарни избори, кои треба да се одржат во наредните пар месеци.
Курти и неколку негови блиски соработници беа осудени на условни казни од над една година затвор, кои подоцна, во септември 2018 година, станаа правосилни со одлука на апелациониот суд. Лидерот и тројца тогашни пратеници на ВВ беа осудени заради „користење оружје или опасни средства“ (по фрлањето солзавец за време на собраниските седници) и „попречување на службено лице во вршењето на должноста“ на демонстрациите во косовскиот главен град.
Comments are closed for this post.