Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, по едночасовната средба со претседателката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, најави радикализирање на активностите на обединетата опозиција.
Како што посочи, утре во 18 часот, сите главни патни правци во земјата кои се поврзуваат со Тирана ќе бидат блокирани, како знак на ескалација на граѓанска непослушност. Претпладне, според него, во 11 часот ќе ги одредат задачите на преодната влада.
Ние сме во длабока политичка, уставна, економска и социјална криза и како што стана јасно и во последните 24 часа земјата е во целосна криза во највиталниот процес за Албанија, односно за интеграцијата на земјата во ЕУ. Причината за тоа е изборниот криминал. Ќе продолжиме со нашата акција на секој план. Утре, во 18 часот ќе почне акција низ целата земја со блокирање на најважните патни правци како знак на граѓанска непослушност. Во 11 часот заедно со опозициската коалиција, ќе ги одредиме должностите на преодната влада за гарантирање слободни и фер избори. Ќе разговараме и за нашата платформа која ќе им ја претставиме на Албанците, рече Баша.
Според него, ништо не се сменило во ставот на обединетата опозиција, како што ја нарече, „новото мнозинство“.
Заминувањето на Еди Рама е прашање за кое не може да се преговара. Тоа ќе доведе до формирање преодна влада за спроведување слободни и фер избори, рече Баша.
Обединетата опозиција минатиот четврток го блокираше влезот во Тирана, а од утре, секој четврток ќе бидат блокирани главните национални патишта од север до југ, кои водат кон албанската метропола.
Comments are closed for this post.