Состојбата во Албанија не покажува знаци на смирување откако во саботата протестот на опозицијата се претвори во судир со полицијата – вчера опозицијата ги врати пратеничките мандати, а денес граѓани на Лежа го блокираа патот по кој требаше да помине премиерот Еди Рама.
Сега прашањето е дали политичката криза ќе се реши на предвремени парламентарни избори, како што бара опозицијата, или состојбата ќе излезе од контрола ако се земе предвид дека премиерот Рама исклучува предвремени избори. Од падот на режимот на Енвер Хоџа во Албанија имаше неколку посериозни кризи, а сега тензијата е толку зголемена што не се исклучуваат нови поголеми безредија, а протестите од саботата се доволен индикатор за едно такво сценарио.
Утринава жителите на Лежа протестираа против Еди Рама и му го блокираа патот кон Пука, јавија албански медиуми. Граѓаните на Лежа јасно порачаа дека тие ја поддржуваат опозицијата, пред се Демократската партија.
Инаку, лидерот на ДП, Љуљзим Баша по протестите во саботата, кога дојде до посериозни судири со полицијата изјави дека „Еди Рама повеќе не е премиер“, а бидејќи тие најверојатно нема да учествуваат во работата на парламентот порачуваат дека Рама и не е „легитимен претседател на Владата“.
Во интервју за италијанска „Кориера дела Сера“ Рама истакнува дека опозицијата ја вовлекува земјата во длабока криза и оти таа не е во состојба политички да се справи со Владата.
Тој јасно става до знаење дека нема да има предвремени избори.
„Имаме јасно мнозинство во парламентот, а со тоа и обврски кон избирачите. Се надевам дека разумот ќе надвладее“, порачува Рама.
Денес поранешниот претседател Бујар Нишани, кој е претседател на Националниот совет на ДП има средба со лидерот Љуљзим Баша на која ќе се договараат идните чекори на партијата. Тоа што во моментов сигурно се знае е дека нови протести се закажани за во петок (21 февруари). На претходните билансот беше десетици повредени, материјална штета, употреба на солзавец и водени топови, а уапсени беа 16 лица.
Инаку, во Албанија изминативе месеци има континуирани протести на кои имаше спорадични инциденти, а најжестоки беа тие за обиколницата во Тирана и студентските протести кои уште траат.
Од 1992 година двете најголеми партии – социјалистите и демократите постојано меѓусебно се обидуваат за корупција, организиран криминал и за изборна измама.
Comments are closed for this post.