Соработката со ФРОНТЕКС е важна за албанската полиција, не само во управувањето со миграциските текови и во борбата против недозволената трговија, туку и во пренесувањето на личното искуство, изјави албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Лешај.

Тој вчера на граничниот премин Капштица, на албанско-грчката граница, се сретна со офицерите на Фронтекс кои заедно со припадниците на албанската гранична полиција се ангажирани за безбедноста и управување на границата.

Според Лешај нивото на соработка со ФРОНТЕКС е многу високо, а ефективноста на нивната работа е за пофалба.

Албанија има голема корист од оваа соработка. Првенствено има корист од искуството на различните европски полиции, кои се активни во оваа операција, но Албанија исто така добива голема поддршка во управувањето со своите граници. Оваа операција, прва што ФРОНТЕКС ја спроведува во земја надвор од ЕУ, е добра шанса да се покаже нивото на подготовка на албанската полиција, нејзината зрелост за соработка на европско ниво. Сето ова е во функција на напорите на Албанија за интеграција во Европската Унија, изјави Лешај.

Офицерите на ФРОНТЕКС потврдија дека соработката со албанските колеги е многу добра уште од самиот почеток на мисијата, во мај 2019 година.

Албанија е првата земја во регионот со која Агенцијата за крајбрежна и гранична стража ФРОНТЕКС потпиша договор за соработка и е ангажирана надвор од ЕУ за интегрирано гранично управување.

Инаку, долж зелената гранична линија, од 22 мај од кога почнаа да патролираат и припадниците на ФРОНТЕКС, до сега, се откриени околу 1.400 странски државјани кои планирале да транзитираат низ Албанија, главно од Сирија, Ирак, Пакистан, но и од Палестинските територии.