Претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку статус на фејсбук најави дека многу скоро ќе биде основана партија на Бугарите во С.Македонија, пишуваат бугарските медиуми.
Со оглед дека македонските Бугари веќе имаат политичка партија, сега најверојатно ќе биде формиран политички субјект со етнички предзнак-бугарска.
На својот профил Стојанов напиша:„Со оглед на тоа дека власта, капиталот и службите во РС Македонија се во рацете на луѓе, кои им наштетуваат на обостраните односи со Бугарија, објавувам дека фондацијата „Македонија“ започнува процес за формирање политичка партија на Бугарите во РС Македонија.
Наредните недели ни претстои да го создадеме јадрото на партијата и да го претставиме раководството. Наша цел е Бугарите во РС Македонија да ја управуваат државата.
На сајтот на фондацијата Стојанов посочува дека „има за цел, бугарското и македонското општество да станат едно општество во две држави. Да се изградат мостови меѓу нас во сите сфери од животот, најмногу економски, културни, социјални и општествени“.
Фондацијата на Стојанов пред неколку дена предупреди на уривање на бугарски споменици во реонот на Кавадарци, поради што министерствата за надворешни работи на двете држави си разменија писма.
Иако екипа на БНТ беше на самото место и констатираше дека нема урнати споменици, по што следуваа повторни реакции на двете министерства, со тоа што бугарското предупреди дека ваквите лажни вести не придонесуваат за добрососедството, Стојанов и натаму го тврди спротивното.
-РС Македонија излажа дека немало воени гробишта на трасата на магистралата. Откако ќе извадам документи за двете воени гробишта од Министерството за одбрана на Бугарија, ќе побарам средба со Зоран Заев, тој да објасни зошто државата, што ја раководи, ја нарушува Женевската конвенција и зошто создава услови за омраза меѓу луѓето!!!?, коментира Стојанов на фејсбук.
Наспроти изјавата на бугарското МНР, Министерството за одбрана, пак, според Сега.бг, започналоло проверки во воениот архив. Целта е да се побараат карти, што ќе можат точно да покажат каде се наоѓала полската болница на Осмата пешадиска тунџанска дивизија. Тие ќе можат да дадат повеќе детали дали во реонот на Кавадарци, покрај двата споменика, имало и гробови на бугарски војници, или, пак, повеќе станува збор за историска хипотеза.
Comments are closed for this post.