Се наоѓаме пред зоната Сачево, која што беше ветена од страна на Зоран Заев пред многу години дека ќе бидат изградени 16 фабрики и дека ќе вработат до 2.500 граѓани, жители во Општина Струмица, но и од околните општини, што гравитираат околу општината Струмица. Ова го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од Струмица го почна, како што рече, материјалот „Ветено, неисполнето“ на Зоран Заев и СДСМ.

Како што можете да видете, години потоа оваа зона е празна, нити една фабрика немаме, ниту едно ново вработување. Ова треба да биде пример за граѓаните на Република Македонија како не треба да се даде довербата на политичари, кои само ветуваат, а ништо не исполнуваат, политичари, кои многу зборуваат и додека зборуваат лажат, рече Мицкоски.

Тој најави дека во текот на денот ќе ја продолжи посетата на Струмица при што ќе поразговара со жителите од Општината, но и од околните општини кои гравитираат кон Струмица. Според Мицкоски, тоа што може да се види е дека Република Македонија денес, како и граѓаните во нивното секојдневие живеат лошо.

Луѓето можат да ги посочат сите нереализирани ветувања, сите неисполнети очекувања од страна на т.н. понуда „Живот за Македонија“, што беше презентирана пред граѓаните на Република Македонија пред нецели две години. А, наместо живот за возврат добија пекол, нагласи Мицкоски, додавајќи дека доаѓаат претседателски избори на кои ВМРО-ДПМНЕ очекува една голема победа.