Златен накит, крзнени бунди, облека, лекови, опрема за риболов, козметички производи и фалсификати се дел од „пленот“ до кој дојде македонската царинска служба во текот на минатата недела.
Златото и разни видови накит, вкупно околу половина килограм, се откриени на граничниот премин Деве Баир во специјално подготвен бункер во лажен ладилник на автобус што од Косово патувал за Турција.
На границата со Грција, при обид да влезе во земјава запленети се 40 женски крзнени бунди пронајдени во повеќе најлонски кеси сместени во багажникот и на задното седиште на возило со романски таблици, во кое биле двајца романски државјани. Големо количество облека без каква било документација, 344 парчиња (комплети детски тренерки, долни тренерки, блузи, фустани и бебешки тренерки) се откриени во македонски автомобил на патот Гевгелија – Демир Капија.
Запленети се и 1.312 пара патики со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион натоварен со производи со потекло од Турција, наменети за фирма од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
На граничниот премин Табановце, српски државјанин се обидел да прокриумчари 1,5 литри диететски суплемент „Venovin“, 130 дози од 1 мл суспензии за инекции „Lemod-depo“ 40мг/мл“, 20 дози од 1 мл раствори за инекции „Tetagam 250i.j./1ml- Tetanus“, 150 дози од 0,3 мл капки за очи „Saflutan 15mg/ml“ и 60 таблети „Sintrom 4mg“. За сите овие лекови и суплементи е потребна посебна дозвола за увоз во државата, а биле пронајдени во фабрички прегради во потпирачите за раце помеѓу предните седишта и на задното седиште.
Царината запленила и 1.681 парчиња опрема за риболов (рибарски мрежи, машинки за рибарски трски, блинкери, јадици и мамци), 548 козметички производи и производи за одржување лична хигиена (грицкалки и турпии за нокти, вештачки трепки и вештачки нокти) и 3 комплети панталони со јакна, откриени при контрола на македонски автобус, кој сообраќал на релација Софија – Битола, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи биле пронајдени во четири најлонски кеси сместени во багажникот на автобусот.
Comments are closed for this post.