Христијан Мицкоски останува сам на браникот на криминалите на Груевски, амнестија нема да има, Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО, реагираат од СДСМ на отвореното писмо на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ до премиерот Зоран Заев.

Мицкоски повторно зборува со гласот на Груевски, во обид самиот да се дообјасни.На граѓаните им е јасно што сака Мицкоски: прво, Македонија да му овозможи амнестија на Никола Груевски и второ, Македонија да се откаже од НАТО и ЕУ, да се откаже од врвните стратешки интереси, стои во реакцијата од СДСМ.

Од таму порачуваат  дека нема потреба Христијан Мицкоски да се дообјаснува.

Ниту едното ниту другото нема да се случи, нека не се надева напразно. Огромно мнозинство од над 80% од граѓаните се за НАТО и ЕУ и оваа стратешката определба на Македонија од врвен државен интерес мора да биде почитувана.Мицкоски останува сам на браникот на криминалите на Груевски и неговите соработници, велат од СДСМ.

Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по секоја цена се обидат да ја блокираат иднината, тогаш  додаваат дека единствен излез се предвремени парламентарни избори, организирани веднаш.

Мицкоски го обвини премиерот Заев дека е заштитник и промотор на криминалот. Му порача на премиерот да размисли што прави и дека тој избрал да биде со народот  и на страната на правдата. Во отвореното писмо што го сподели на „Фејсбук“, Мицкоски вели дека владата се плаши од фер избори затоа што ќе биде жестоко поразена.