Единаесет новозаболени од морбили се регистрирани вчера, од кои тројца се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а останатите осум се амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување, информираат од таа јавна здравствена установа.

Меѓу хоспитализираните е осуммесечно бебе од Тетово невакцинирано со бронхопневмонија, 26-годишна пациентка од Тетово вакцинирана со една доза и 36-годишна пациентка од Тетово без податок за вакцинален статус со бронхопневмонија.

На Клиниката има 26 пациенти со морбили и компликации од кои 10 се возрасни, а 16 се деца.

Расте бројот и на заболени од грип
Во текот на изминатата недела (од 11 февруари до 17 февруари), во државава се регистрирани 2.943 заболени од грип, што е зголемување за 31 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 2.246 заболени од грип, се наведува во извештајот, што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 21,1 отсто споредено со истиот период минатата сезона.

Најголем број заболени (1.861) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 284 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 9.314.

Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4 отсто од вкупниот број набавени вакцини.