ВМРО-ДПМНЕ во следните денови во Собрание ќе го предложи текстот на предлог резолуција која што ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно  на европските вредности.

Незнаењето и неодговорноста на Владата создаде нов спор и проблем во последните 3 години. Од ден на ден овој спор се продлабочува, а Влада секојдневно тргува со идентитетските обележја, историски периоди, македонски херои, македонскиот јазик.

Бугарските позиции се содржани во бугарската декларација изгласана во бугарското собрание. Но, кои се позициите и црвените линии на Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ вели неопходен е национален и општествен консензус, да се знае од што не смееме да отстапиме, што е тоа за што Владата не смее да преговара, и она за што не смее да се прави компромис. Државата е на сите граѓани, и сите мораат да знаат за државните решенија.

Предлог-резолуцијата не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку во неа се содржани јавните ставови на МАНУ, УКИМ И МПЦ ОА – Јустинијана Прима.

  • Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
  • Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет.
  • Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
  • Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.
  • Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.
  • Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.
  • Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.
  • Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
  • Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност.