Два дена пред истекот на рокот за поднесување кандидатури за внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, кои треба да се одржат на 12 декември, до партиското седиште пристигнаа две кандидатури – едната на заменик министерот за финансии и член на Извршниот одбор на социјалдемократите Димитар Ковачевски, а другата на поранешната потпретседателка на партијата Фросина Ременски.
Ковачевски, заедно со кандидатурата, ја достави и својата програма.
– Согласно роковите денеска ја поднесов мојата кандидатура за претседател на партијата, заедно со мојата визија и програма – Заедно, одговорно и посветено. Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард и фер шанса и јасен систем со кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата, изјави вчера Ковачевски пред седиштето на СДСМ откако ја поднесе кандидатурата.
Според него, СДСМ поминува низ еден предизвик, во кој мора да се менува и каде секој член на партијата е значаен и секој еден член на партијата ќе го каже својот глас.
– Една од моите основни заложби е да го вратиме единството во партијата и да го вратиме единството во општеството за да можеме да имаме посилни демократски партии и да имаме посилно општество. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме сами и мораме сами да го унапредиме нашето општество, притоа имајќи го предвид јасниот пат на нашето општество во европските интеграции, изјави Ковачевски.
Прашан за коментар на тоа дека ќе има силно влијание од Зоран Заев, Ковачевски рече дека неговото работење и неговиот интегритет ќе ги потврди преку работа и одлуките кои ќе ги носи, доколку биде избран за претседател на СДСМ.
Освен Ковачевски, своја кандидатура поднесе и поранешната пратеничка и потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски.
Образложувајќи ја кандидатурата, таа истакна дека цел и мотив за нејзината самокандидатутра за претседател на партија се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.
Воедно, Ременски посочи дека денешниот ден има и симболика во нејзината кандидатура, бидејќи ја поднесува во време на 16-дневниот женски активизам против насилството врз жените.
– Сакам и преку кандидатурата да бидам пример и да ги охрабрам сите жени кои се или не се на функција да не се откажуваат од своите соништа и натаму да се борат без оглед на сè и ги охрабрувам социјалдемократите да ја поддржат мојата кандидатура, изјави Ременски.
Таа додаде дека нејзината визија за СДСМ во следните пет години е победник во сите процеси пред коишто е исправен.
Оставката на Заев беше констатирана од Централниот одбор на СДСМ, на седницата која се одржа на 27 ноември. Иако, членовите на партијата инсистираа Заев да остане на лидерската позиција, тој не се откажа од оставката која ја најави на 31 октомври, по постигнувањето на лоши резултати на локалните избори.
При најавата за поднесување оставка, Заев порача дека сака неговото повлекување „да остане забележано во паметењето на народот“.
-Не е тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на нашиот народ. Донесов слобода и демократија, а кога е слобода и демократија треба да има и преземање одговорност. Низ преземањето одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да води грижа за својата земја, рече Заев на 31 октомври.
Централниот одбор на СДСМ ги распиша вонредните внатрепартиски избори, кои ќе се одржат на 12 декември.
Постапката за кандидирање за вонредните внатрепартиски избори на СДСМ трае до 4 декември, а досега се поднесени две кандидатури.
Кандидат за претседател на СДСМ, како што информираа од партијата по започнувањето на постапката, може да биде секој член кој ги исполнува условите наведени во Статутот и Правилникот за одржување внатрепартиски избори, меѓу коишто стои дека кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ и најмалку еднаш да бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата
Comments are closed for this post.