Катастрофална, тоа сум го кажал, катастрофална, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа, како тој ја оценува досегашната работа на институциите во насока на расветлување на автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која, трагично животот го загубија 45 македонски граѓани.

Лидерот Мицкоски, после изјавата за медиумите која ја имаше по средбата која заедно со градоначалникот на општина Битола, Тони Коњаноски ја остварија со претставниците на Регионалната стопанска комора, истакна дека место најава за морална одговорност, во медиумите секојдневно гледаме препелкање на институциите кои си ја префрлаат меѓу себе одговорноста.

Гледаме дека ниту имаме било каква најава за некаква морална одговорност од некого, туку напротив, гледаме препелкање по медиумите, од една институција се префрла на друга, па се префрла на трета. Наместо резолутни чекори да се преземат, нешто што не се превзема со несреќата во тетовската модуларна болница, кога за жал, трагично животот го загубија 14 пациенти истото сега се случува со овие 45 трагично загубени човечки животи во оваа несреќа на магистралата „Струма“ кај нашиот источен сосед – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека токму ова е причина повеќе да бараат предвремени парламентарни избори, преку кои ќе може да му се стави крај и ќе замине оваа нелегитимна и криминална коалиција меѓу Социјалдемократскиот сојуз и Демократската унија за интеграција, за да дојдат луѓе кои ќе знаат да ги решаваат проблемите, меѓу кои прв за решавање ќе биде широко распространетите корупција и криминал.

И сето тоа е причина повеќе да бараме предвремени парламентарни избори, за да може оваа нелегитимна, криминална коалиција СДСМ-ДУИ да замине, да дојдат луѓе кои што знаат како да ги решаваат проблемите. А, прв проблем за решавање претставува широко распростанетата корупција и криминал кој што, можам да заклучам, дека во овој момент се во сериозна коалиција. Односно криминалното подземје со политичкото подземје, кој што владее во Македонија – посочи Мицкоски.