Животната приказна на Ивица Новевски е полна со падови и животни грешки, кои вели го научиле на тоа колку животот е тежок. Живее во населбата Карпош со неговиот брат и мајка која е неподвижен инвалид. Раскажува дека и неговата здравствена состојба е лоша, неговите бели дробови вели работат со 20 проценти од капацитетот. Единствени примања, од осум илјади денари, тврди дека се оние од пензијата на неговата мајка.

Во изјава за Пресинг ТВ вели дека е многу тешко да се преживее со толку пари.

А каде е гардероба, каде се лекови? Дишам на вештачки кислород. Често пати се наоѓам во ситуација во која мора за леб да се запишам во продавница. Не стигаат до крај на месец, па морам да се зајмувам, па да враќам и така во круг. И да работам за пари, кој ќе се грижи за мојата мајка, прашува Ивица.

За него и неговото семејство работите тргнале уште повеќе надолу пред две години, за кога како што вели ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје за неосновано примени пари од него побарува 101 илјада денари. Тужбата следи по решението кое тој го добил, а во кое стои дека неговата мајка има имот и може да го издржува. Станува збор за имот во село Леуново, поконкретно како што вели штала од 29 метри квадратни, наследство од неговиот дедо, кој е на име на неговата мајка.

Таа куќа, која е повеќе од 100 години стара припаѓа на мајка ми и уште на тројца од семејството. Што имам јас од тоа? Еве се откажувам, дури и потпишав изјава дека се откажувам од било какво наследство. Но до ден денешен немам повратен одговор а долгот ми стои, згора на се ги загубив и оние 5.300 денари месечно, вели Ивица.

За лавиринтот во кој е влезен Ивица, тој денеска ја извести министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која учествуваше на конференција за борба против сиромаштијата.

Министерската Цaровска го препрати кај советникот во нејзиниот кабинет за да се разгледа случајот и да се најде решение , за како што рече Царовска, во иднина да не се повторат вакви работи.

Во меѓувреме Ивица останува да се бори со секојдневието и да се надева на подобро утре.