Од неделата запрени се сите градежни активности на три модуларни амбуланти во Скопје, потврдуваат за Фактор извори од здравствениот сектор. Велат дека на местото на старите амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и во Ново Лисиче овие неколку дена има само лица кои ги обезбедуваат објектите, но не и работници.

Градежните активности за трите модуларни амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и Ново Лисиче кои треба да ги заменат руинираните бараки од старите амбуланти траат веќе цел месец. До крајот на септември требаше да бидат готови, но нивната изградба е запрена. Според зацртаната динамика, по нивното целосно пуштење во употреба кон крајот на месецов, веднаш од почетокот на октомври требаше да се почне со изградба на уште две модуларни амбуланти и тоа во Тафталиџе и во Автокоманда. Официјален допис дека е запрена и зошто е прекината изградбата на овие објекти од Министерството за здравство нема, велат изворите на Фактор.

Оттаму, како што истакнуваат, претпоставките за прекин на градежните работи околу изградбата на модуларните објекти се поради актуелностите поврзани со нивната безбедност по трагедијата во Тетово, кога само за неколку минути изгоре модуларната ковид болница во која животите ги загубија 14 луѓе.