Договорот од Преспа и  Договорот за пријателство со Бугарија беа главните теми на премиерот Зоран Заев  во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации

Мојата земја е членка на Обединетите Нации од 1993 година, но денес за прв пат ви се обраќам како претставник на Република Северна Македонија. Оваа година стапи во сила Спогодбата од Преспа, со што се реши 27- годишната разлика што ја имавме со Грција.

Со овие зборови на македонски јазик премиерот Зоран Заев го почна своето обраќање од говорницата на Обединетите нации во Њујорк каде се одржува 74. Генерално собрание на меѓународната организација.

Одлучивме да ги оставиме зад нас закоравените ровови од минатото и да се свртиме кон нови посветли перспективи и напредок, преку партнерство и решенија постигнати преку соработка, рече Заев.

Тој пред присутните делегати објасни што значи Спогодбата.

Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, рече премиерот.